Германска донација од 16 возила за Полициската станица во Струга

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Полициската станица во Струга ги прими возилата што како донација за Одделот за гранични работи и миграција при МВР ги додели германското Сојузно министерство за внатрешни работи.

Станува збор за 16 нови полициски возила, донација вредна околу 240 илјади евра.

Заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија Марко Акватичи истакна дека оваа донација е потврда на добрите билатерални односни меѓу двете земји и соработката на двете полиции.

-Прашањата од областа на безбедноста се мошне значајни за двете земји, а оваа помош е потврда дека Германија е свесна за улогата што Македонија ја имаше во справување со предизивците во бегалската криза, рече тој.

Спасовски се заблагодари за донацијата за која оцени дека само го зајакнува цврстото партнерство што Македонија го има со Сојузна Република Германија и германското МВР.

- Соработката не е само во насока на остварување на нашите национални интереси, како членството во ЕУ и НАТО, туку и соработка за функционално јакнење на македонските институции и македонското општество. Фактот што од 1992 година досега се реализирани многу заеднички проекти со Сојузното МВР на Германија и покраинските полиции покажува дека полициите на двете држави имаат заеднички области во кои ќе можат да соработуваат и во иднина, пред се во насока на користење на добрите практики и нивно воведување во работата на македонската полиција, рече Спасовски.

Инаку во рамки на активностите што МВР ги презема за подобрување на условите за работа на полицијата, Спасовски нагласи дека конкретно за Полициската станица во Струга минатата година била заменета целата кровна конструкција, а оваа година се заменети прозорците на објектот и на него е поставена термоизолациона фасада.

- Тука нема да застанеме, туку ќе продолжиме да вложуваме во подобрување на условите за работа на македонските полицајци, затоа што само добро опремени полицајци се мотивирани да се грижат за доброто на граѓаните и на општеството, рече Спасовски. 

 

 

 

12.02.2018 - 13:42
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа