Николовски: Повеќе мерки за подобрување на состојбите во земјоделството

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска во Неготино ги соопшти новите мерки и политики на Владата за земјоделците. Притоа, информираше била донесена нова Национална програма за змејоделство и рурален развој за следните пет години. 

- Ги донесовме и годишните програми и затоа мислам дека  е вистински момент да ги соопштиме новините и мерките кои ги предвидуваме. Оваа година предвидуваме зголемување на субвенциите за сите лозари кои имаат меѓу еден и десет хектари лозови насади. Нашата интенција е да ги стимулираме да го модернизираат производството, односно да даваме уште поголема поддршка на категоријата на земјоделци кои навистина можат да го донесат развојот. Затоа предвидуваме дополнителни 20 отсто за оваа категорија да премине во уште поголема, рече Николовски. 

Според него, новина е и подршката од 12 илјади денари во делот на реконструкцијата на лозовите насади, односно обнова на сортите и на старосната структура на лозјата. Ова, рече, ќе придонесе кон зголемување на квалитетот на производството.

Во делот на програмите за рурален развој, нагласи, останува силната поддршка на инвестиците за нови насади.

-Тоа се 50 проценти инвестиции за секој еден нов хектар на лозов насад и во делот на инвестициите за системот капка по капка Владата, исто така, даде поддршка преку политиките за рурален развој и за субвенционирање на каматите 50 процентно и на лозарите кои ќе се решат да направат инвестиција. МЗШВ ја прошири програмата за стимулирање и на винариите, односно поддршка на меѓународните саеми, кои се особено значајни за склучување на договори за пласман, информира Николовски.

Пред десетина дена, дода тој, беа исплатени вкупно околу 530 милиони денари во делот на лозарството и се се прават обиди годинава субвенциите да се исплаќаат во рамки на законските рокови.Оваа година исплативме субвенции кои се десет проценти поголеми од основните минатата година.

Владата, рече, поради лошата година на првата седница донела одлука  десет процентно зголемување на субвенциите на лозарите од 40 на 44 илјади денари и тие пари лозарите ги добиле навреме.

Информираше дека за првата недела во март е договорен првичен состанок во Штип со винарите и лозарите. 

- Сакаме навреме да ги започнеме сите подготовки околу мотивирањето на винарите, исто како и државата, да излезат во пресрет на лозарите. Како Влада сме фокусирани целосно да ги вратиме парите назад кон лозарите, категоричен беше министерот.

Тој денеска заедно со премиерот ја посети Тиквешијата по повод традиционалните настани за закројување на винова лоза и стартот на работите во лозарството.

 

 

 

14.02.2018 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа