Османи-Перкс: Соработката со УНИЦЕФ продолжува со реализација на програмата 2016-2020

 

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и претставникот на Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ) во Република Македонија, Бенџамин Перкс на денешната средба се согласиле за продолжување на соработката и успешно спроведување на новите програмски приоритети на УНИЦЕФ за Македонија за периодот 2016-2020.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на средбата, вицепремиерот Османи изразил благодарност до Перкс за континуираните активности што ги спроведува УНИЦЕФ во Република Македонија, чија главна цел е поддршка и заштита на правата на децата.

- Во соработка со државните институции, граѓанското општество, но и експерти, УНИЦЕФ направи многу за подобрување на животот на многу деца во земјата, особено за најранливите категории. За тоа сме благодарни како земја, но сакам да ви ја искажам и мојата искрена лична благодарност, изјави Османи, се наведува во соопштението.

Вицепремиерот Османи изразил благодарност и за огромната поддршка и улогата на УНИЦЕФ за време на мигрантската криза, преку обезбедување помош на децата-бегалци и мигранти кои минуваат низ нашата земја, водејќи сметка за нивните основни потреби како храна, вода, облека, хигиенски објекти.

Според него, аспирациите на Македонија за членство во Европската унија се темелат токму на прифаќањето и имплементацијата на европските вредности, како што е заштитата и унапредувањето на правата на децата.

- И двајцата се согласија за продолжување на соработката во претстојниот период и успешно спроведување на новите програмски приоритети на УНИЦЕФ за Република Македонија 2016-2020, стои во соопштението.

УНИЦЕФ Македонија од 1993 година, кога започна со работа во земјава, досега спроведе проекти наменети за децата во вредност од над 13 милиони евра. 

 

 

 

08.08.2017 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа