Пријавувањето до утре: Над 40 верници ќе скокаат по крстот во Скопје

Повеќе од 40 луѓе досега се пријавиле да учествуваат во традиционалното фаќање на крстот в петок на Богојавление – Водици во Вардар во центарот на Скопје.

Пријавувањето почна на 10-ти и ќе трае до утре, 17 јануари. Од Скопската епархија, која трета година го организира пријавувањето на фаќачи на светиот крст,  велат дека досега се пријавиле 44 кандидати, меѓу кои има и женски.

Најголем одѕив има во последните денови, така што очекуваат денеска и до утре попладне, кога завршува пријавувањето, бројот на заинтересирани учесници да биде уште поголем.

Кандидатите може да се пријават во Скопската епархија до Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ и треба да поминат лекарски преглед во Спортска медицина.

Спуштањето на крстот во водите на Вардар на 19 јануари ќе почне во 12 часот од мостот кај хотелот „Холидеј ин“ и ќе го изврши поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан.

Претходно, во 9 часот, архиепископот г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а потоа богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде што ќе се одржи традиционалната верска манифестација.

 

 

 

16.01.2018 - 12:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа