Скопски џез-фестивал со гости од САД, Европа и Африка

Актуелни и врвни имиња во џез-музиката од САД, Европа и Африка најави Скопскиот џез-фестивал за 36-тото издание кое ќе се одржува од 19-ти до 22 октомври.

- Ексклузивно за единствен европски концерт, од Чикаго доаѓа една од најдобрите џез-пејачки во светот – Ди Александер (20 октомври). Во иста вечер (21 октомври) ќе настапат две легендарни имиња од САД – Марк Рибо со проектот Јанг Филаделфијанс (The Young Philadelphians) и Стив Колмен со легендарните Фајв елементс (Five Elements), соопшти Скопје џез-фестивал.

Од Норвешка ќе гостуваат два големи ансамбла – Трондхејм Џез Оркестра (Trondheim Jazz Orchestra) со Оле Мортен Ваган и Пал Нилсен-Лав Ларџ Јунит (Paal Nilssen-Love Large Unit).

Еден од најдобрите светски џез пијанисти, Крег Тејборн, ќе настапи со својот квартет, а ќе гостуваат и две европски триа – Триото на Давид Хелбок и Интерзоне на Марио Ром. Два полноќни концерта со афро-бит легендите Орландо Џулиус и Хелиоцентрикс (Heliocentrics) и Ентони Џозеф со својата група. Соло-настап ќе има големото име на италијанскиот џез – Роберто Отавиано. 

Во четирите главни вечери (19-22 октомври) концертите ќе се одржат во Македонската опера и балет со почеток во 20 часот. Во втората и третата вечер (20-ти и 21 октомври) полноќните концерти ќе се одржат во Дансинг-салата на Младинскиот културен центар. Четвртиот ден ќе  има попладневен концерт во кино „Фросина“ во МКЦ со почеток во 17 часот.

На годинашниот Скопски џез-фестивал ќе има и посебна дополнителна програма составена од проекции на два документарни филма и една мултимедијална презентација.

Презентацијата на Ичо Видмар „New Music In New York” и проекцијата на документарниот филм „The Jazz Loft According To W. Eugene Smith“ ќе се одржат во кино „Фросина“ на 21 октомври со почеток во 15 и 16 часот. Проекцијата на филмот „Dixieland” (програма за млади) е во соработка со фестивалоте „Џифони“ и „Македокс“ и ќе се одржи во кино „Фросина“ на 20 октомври со почеток во 12 часот. 

Билетите се во продажба во Југотон рекордс, Македонската опера и балет, Младинскиот културен центар и mktickets.mk. За трите настани од дополнителната програма влезот е слободен. 

 

 

 

13.10.2017 - 08:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа