Еве како да се информирате за проектот „Купи куќа - купи стан“

Македонија | 26. јануари 2012 - 10:47
Почетокот на караванот денеска на плоштадот „Македонија“ ќе го означи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

„Како до свој дом“ е мотото е информативниот караван што почнува од денеска во организација на Министерството за финансии. Целта е граѓаните да добијат подетални информации за проектот „Купи куќа, купи стан“, кој стартуваше вчера.

Почетокот на караванот денеска на плоштадот „Македонија“ ќе го означи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Информативни пунктови ќе бидат отворени во сите поголеми градови во земјава.

На пунктовите ќе има претставници на банките, а граѓаните таму ќе може и да го поднесат барањето. Поднесувањето на барањата почна вчера и ќе трае до 1 март. Првите кредити се очекува да бидат одобрени на почетокот на април. Барањата може да се поднесуваат до НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка - Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка - Битола.

Кредит може да се подигне за нов стан, нова куќа и доградба на куќа. Кредитот е со максимален износ од 50.000 евра, а може да се избере меѓу двата модела. Првиот е половина рата и тој дава шанса Владата пет години да отплаќа половина од месечната рата од станбениот кредит на граѓаните. Вториот модел е половина учество, Владата ќе плаќа половина од учеството за да се добие станбен кредит. И кај двата модели каматната стапка е повластена, односно значително помала од пазарната. Во случајот на моделот половина рата каматната стапка ќе биде 4,99 проценти во првите три години, односно 5,5 проценти во четвртата и петтата година. Кај вториот модел каматната стапка е еуролибор плус 4,5 проценти и таа ќе биде за цело време на проектот.

Во проектот може да учествуваат сите граѓани, а предност ќе имаат оние кои пониски примања. Услов е примањата на кредитобарателите да биде до 900 евра месечно, а и цената на метар квадратен да не надминува 900 евра. Се планира да се доделат годинава 2.500 кредити. Доколку се појави поголем интерес може да се рагледа можност за зголемување на средствата.

Владата и банкарите очекуваат голем интерес, но се очекува и да се мотивира изградба на станови и намалување на цената на недвижностите