ВМРО-ДПМНЕ: Вработени во МВР со големо искуство се на удар на потпретседателот на СДС, Спасовски

 

Команданти на единици, началници на Сектори, помошници кои зад себе имаат искуство и по 20 и по 30 години во Министерството за внатрешни работи сега се на удар на потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски, изјави на денешната прес-конференција Саше Павлоски од ВМРО-ДПМНЕ чиј говор во продолжение ви го пренесуваме интегрално.

Сите оние кои имаат личен и професионален интегритет во министерството станаа предмет на отстрел на новиот министер и неговиот политички тим. Тие се цел само заради тоа што потпретседателот на СДС, се сомнева дека нема да ја злоупотребуваат службената положба и слепо да ги следат и извршуваат политичките нарачки на Бихаќка.

Таргет на потпретседателот на СДС се и сите професионалци кои работеа на докажување на криминалот на наркодилерите блиски до Заев и партискиот врв на СДС, што изминативе месеци беа откриени и заглавија во затвори за нелегална трговија со наркотици. Таргет на потпретседателот на СДС се сите професионалци кои учествуваа во акциите за докажување на криминалот на неговиот пријател и соработник Захир Бекири-Чауш, но и сите оние кои работеа на прибирање докази за санкционирање на изборната корупција на СДС почнувајќи од сомнителните исплати во Општина Струмица, па се до поткупите на гласачи со дрва во Куманово.

Таргет на потпретседателот на СДС се и професионалци кои храбро и бескомпромисно работеа и на случаи како Монструм, Планинска бура и Диво Насеље.

Ова што сега се прави во Министерството за внатрешни работи е класичен контраудар на мафијата врз полицијата. Одмазда за сите реализирани акции. Главен инспиратор и реализатор на оваа одмазда на мафијата е потпретседателот на СДС Оливер Спасовски.

Тоа што СДС го прави во моментов е брутална партизација на полицијата. Надвор од сите законски норми, надвор од сите реформи се реализира партиска чистка и поставување на партиски послушници на сите раководни позиции.

Потпретседателот на СДС и неговите партиски послушници секојдневно се јавуваат и повикуваат вработени во МВР кои низ долгите години во службата, постепено ја граделе кариерата и стигнале до одредена позиција за да им нудат одредени пониски позиции. Понудата од СДС е земи или остави. Им нудат пониски места на кои би биле распоредени по сопствено барање.

 

 

 

17.07.2017 - 15:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа