Хан за Дојче Веле: Во Софија шест нови иницијативи за Западен Балкан

На Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, Брисел претставува шест нови иницијативи кои би требало да помогнат во трансформација на регионот, негова подобра поврзаност и околу помирувањето, објави денеска Дојче Веле.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, како што се наведува, најавува нови поттикнувања за шестте земји на Западен Балкан кои се надеваат на натамошно приближување кон ЕУ.

Брисел планира финансирање на десетина нови проекти поделени во шест групи, а се со цел да се забрза трансформација на регионот.

– Ниту една од земјите на Западниот Балкан не е се уште доволно зрела за ЕУ, но мора да се искористи моментот и  дискусијата за реформите да се задржи во центарот на вниманието, вели Хан за Дојче Веле во Софија каде се одржува Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Хан вели дека државата која би влегла во полноправно членство во 2025 година, мора да ги заврши преговорите најдоцна до 2023 година.

За Србија, еден од главните проблеми останува, како што дефинира Хан, постигнување „правно обврзувачки договор“ со Косово.

Комесарот притоа одби да зборува за крајните рокови и датуми.

Македонија и Албанија се надеваат дека до крајот на јуни ќе добијат датум за почеток на преговорите, а комесарот е оптимист дека тоа и ќе се случи, и покрај отворените сомнежи негодувања кај некои земји – членки. Во случајот со Македонија тоа ќе зависи и од решението на спорот околу името со Грција.

Според Хан, најголем предизвик во регионот и понатаму останува Босна и Херцеговина, но смета дека таму – доколку постои политичка волја – „можен е напредок“, во прв ред преку реформа на комплицираниот политички систем.

За да им даде елан на потенцијалните членки, Европската комисија претставува шест нови иницијативи вредни повеќе од стотина милиони евра. Сите земји од регионот ќе добијат поттик во сегментот за јакнење на владеење на правото, вклучувајќи ја тука и цврстата контрола за спроведување реформи.

Втората иницијатива има за цел да го зајакне ангажманот во делот за безбедноста и миграцијата, така што меѓу останатото Еуропол ќе испраќа офицери за врски во регионот.

Вработувањето и социјалните реформи ќе бидат дополнително финансирани од буџетот на комисијата и тоа дел преку поддршка на стар-ап фирми, преку поголема достапност на средства за истражување и иновации, како и вложување за развој на Регионалната економска зона.

Хан очекува дека таа Регионална зона, ќе биде воспоставена во средината на следната година.

Иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во првиот сегмент планирано е намалување на трошоците за роаминг, подобрување на распространетоста на  интернетот, развој на еВлада, еНабавки, еЗдравје како и дигитализација на индустријата.

Во вториот сегмент – поврзаност – се планира повеќе финансирање во областите на транспорт и енергетика, а според калкулациите таа помош до 2020 година треба да достигне сума до 2,4 милијарди евра.

Шестата иницијатива се однесува на помирување и добрососедски односи, а во неа треба да се посвети повеќе внимание на транзициската правда, проблемот со исчезнатите лица и поголемата соработка во областа на образование, култура, млади и спорт.

 

 

 

17.05.2018 - 12:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа