Италијанските компании заинтересирани за инфраструктурни проекти во Македонија

 

Интересот за инвестирање во Македонија расте и е се поголем поради големото пријателство, европскиот манир, реформите кои се случуваат во нашата држава и перспективите кои ги обезбедуваме. Верувам дека целиот интерес на крајот ќе се преточи во унапредување на квалитетот на живот на нашите граѓаните, од аспект на економија, инфраструктура, енергетика и од секаков вид перспективи кои ги очекуваата сегашните и идни генерации.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев по отворањето на Италијанско-македонскиот  бизнис Форум на тема „Инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Македонија“.

Тој соопшти дека се посветени на реализација на процесот на гасификација преку интензивирање на изградбата на гасоводната мрежа, но и гасоводно поврзување на земјата на гасоводот ТАП.

Премиерот се осврна и на планираниот развој на патната инфраструктура, на изградбата и рехабилитација на 800 километри патишта низ цела Македонија за што се обезбедени 270 милиони евра, дел од нив се буџетски средства, а дел од Европската банка за обнова и развој и Светска банка.

- Во моментов почнаа со реализација два експресни патишта во вредност од 51 милион евра. Со пуштањето на автопатот Демир Капија-Смоквица го комплетиравме коридорот 10. Остануваме посветени на изградбата на коридорот 8, рече Заев и ги охрабри градежните компании од Италија да аплицираат на тендерските постапки и да бидат дел од новото поглавје во изградбата на македноската патна, железничка и гасоводна инфраструктура. 

Проекциите за следните три-четири години во патната инфраструктура, додаде, се околу 500 милиони евра, во железничката инфраструктура само коридорот 8 во трите негови фази е 650 милиони евра, дополнително на тоа 529 милиони евра е железничката пруга со завршена проектна документација која на есен ќе биде во постапка на објава. Гасоводната мрежа заедно со гасификацијата на урбаните средни во Македонија достигнува околу една милијарда евра. Според него, сето ова може да биде изведено во Македонија со искуството кое италијанските компании го имаат. 

Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео истакна дека Италија дава голема поддршка за коридорите 8 и 10 и оти во последните години е регистрирано големо вклучување на италијанските фирми во инфраструктурни проекти со вредност поголема од 125 милиони евра.  

Тој смета дека италијанските фирми имаат интерес и сакаат да се вклучат во проекти кои државата сака да ги реализира во следните години, како проектирање и изградба на улици, на железници, гасоводи...Додаде дека Италија во овие сектори има големи знаења и оти е присутна во повеќе од 90 држави со 686 градилишта и со повеќе од 90 милијарди евра. Потенцира дека италијанските фирми се флексибилни, способни да реагираат брзо, да се прилагодуваат на локалниот пазар. 

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов соопшти дека Скопје е неразвиен град и оти му е неопходна нова инфраструктура. Најави дека наскоро ќе биде објавен меѓународен тендер за проектирањето на виадуктот над реката Вардар и тунелите под Скопско кале. 

- Изминатиов период Град Скопје и ЈСП Скопје интензивно работат на модернизација на возниот парк на јавното претпријатие и до крајот на оваа година очекувам да завршат постапките за набавка на 30 нови еколошки автобуси кои работат на гас. Новите екоавтобуси имаат значително помала потрошувачка, и речиси воопшто не емитуваат штетни гасови во воздухот. Покрај овие автобуси, сериозно размислуваме за набавка и на електрични автобуси, со што значително ќе се намали загадувањето на воздухот во Скопје, рече Шилегов.

Посочи дека сериозно се размислува за електрификација на јавниот градски превоз и оти средните училишта во Скопје  летово ќе добијат нови енергетски ефикасни фасади. 

На форумот учествуваат 15 италијански компании, меѓу кои и групацијата Италијански државни железници, заедно со претставници на трите најголеми италијански здруженија од градежниот и енергетскиот сектор и претставници на италијанското Министерство за надворешни работи.

 

 

 

12.06.2018 - 12:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа