Ивица Коневски: Аеродром ќе ја добие и првата гимназија

 

Предизборни интервјуа на кандидатите за градоначалници. Во предизборниот период Прес24 побара интервјуа со најголем дел од канидатите за градоначалници во скопските општини,  но и од останатите градови. Интервјуата ќе бидат објавувани согласно динамиката на одговори на кандидатите.

ПРЕС24: Во трката за локалните избори влегувате од позиција на актуелен градоначалник. Зошто мислите дека граѓаните на општина Аеродром, треба повторно да Ви ја дадат довербата?

КОНЕВСКИ: Изминатите осум години, во текот на моите два градоначалнички мандата, со голема посветеност работев на раст и развој на нашиот Аеродром. Во тој период, успеавме да реализираме огромен број проекти, од кои повеќето имаат капитално значење за жителите на општината, но и воопшто за Скопје. Кога ќе погледнам наназад, без лажна скромност, можам да кажам дека јас и администрацијата направивме многу за поквалитетен живот на Аеродромци, кои отсекогаш знаеле да ја препознаат искреноста и посветеноста и да ја наградат истата. Создадовме плански уредена општина, прилагодена за сите генерации. Исто така, изминатите години се здобивме со епитетот „спортска престолнина“, како резултат на многу вложувања во спортот. Но, подеднакво вложувавме и во образованието, културата, инфраструктурата... Јас секогаш се водам од мислата дека може повеќе и подобро и токму затоа ја прифатив кандидатурата за трет градоначалнички мандат. Доколку ја добијам довербата од граѓаните, во наредните четири години ќе реализираме уште голем број проекти за поквалитетен живот во Аеродром, со кои нашата општина ќе стане една вистинска метропола во срцето на Скопје.

ПРЕС24: Ако се вратите назад во Вашиот мандат, што е она на што сте горди што било реализиарно, а што е она што не усепавте да го реазлизирате.

КОНЕВСКИ: Горд сум на секој реализиран проект, а реализирано е околу 99 проценти од програмата, со која излегов на претходните избори. Но, морам да нагласам дека во меѓувреме остваривме и голем број проекти, кои не беа во програмата. Секогаш давам сѐ од себе да го исполнам секое ветување и да излезам во пресрет на барањата на граѓаните, кои се во фокусот на моето внимание. Многу ми е важно секој жител во нашата општина да се чувствува удобно во местото каде што живее, затоа што убеден сум дека сѐ започнува од домот. Успеавме Аеродром да го претвориме во едно од најпосакуваните места за живеење и тоа особено ме радува. Подигнавме десетина прекрасни паркови, кои станаа наш заштитен знак, а со тоа создадовме баланс меѓу урбаното и зеленилото. Многу сум горд на беспрекорната патна инфраструктура, како и на високото ниво на хигиена, што го достигнавме со голема ангажираност и деноноќна работа на стотици луѓе. Граѓаните добија десетици спортски терени и игралишта, кои ги има буквално во секое маало, како и современи спортски сали. Со тоа многу придонесовме за развивање на спортскиот дух уште од најмала возраст. Исто така, многу сум горд на сите проекти во областа на образованието и социјалната заштита. Изградивме три нови градинки и целосно ново училиште, а во тек е изградба на нов објект на основното училиште во населбата Лисиче. Ние сме единствена општина во државата, која на сите основци им дава бесплатна училишна облека, а најдобрите ученици ги испраќаме на еднонеделна настава во Лондон.

ПРЕС24: Велат општина како Аеродром, во која сè е урбанизирано е лесно да се раководи. Се согласувате ли со таква констатација, или пак, ваквите општини имаат други предизвици?

КОНЕВСКИ: Во 2009 година, кога јас застанав на чело на општината, не можеше да се каже дека Аеродром е целосно урбанизиран. Морам да нагласам дека во нашата општина има и рурален дел, кој го „наследив“ во крајно запуштена состојба, така што жителите во Горно и Долно Лисиче немаа фекална канализација. Но, со многу труд, успеавме септичките јами да ги испратиме во заборав. Со тоа, жителите од тој дел добија основни услови за живот, кои претходно ги немаа, иако се оддалечени само 10-тина километри од центарот на Скопје. Изминатите два мандата се посветив на проекти, кои ги градевме буквално под земја во руралниот дел на општината. Доколку добијам доверба од граѓаните и за трет мандат, планирам да реализираме проекти, со кои тие две населени места ќе добијат вистински урбан лик. Но, многу работа имавме и во другиот дел од Аеродром, кој, морам да нагласам е прилично густо населен, но имавме полни раце работа и поради самиот факт што станува збор за релативно нова општина. Така, и во таканаречениот урбан дел реконструиравме улици, изградивме нови булевари, како и стотици нови паркинг места. Во нашата општина имаше голем број напуштени земјишта и депонии, кои ги исчистивме и ги претворивме во зелени површини и прекрасни паркови. Можам да кажам дека денес Аеродром може да се нарече урбана општина.

ПРЕС24: Што е она на што ќе се фокусирате во следниот Ваш мандат, ако станете градоначалник на општина Аердором?

КОНЕВСКИ: Мојата програма за наредните четири години предвидува реализација на голем број проекти, но тука би се задржал на капиталните проекти, со кои значително ќе се придонесе за подобро утре на сите мои сограѓани. Како и досега, продолжуваме со раззеленување на Аеродром, па така, планираме изградба на нов парк на површина од 10 хектари, зад зградата на ФФМ, каде ќе создадеме нова зелена приказна со голем број садници, пешачки патеки и детски игралишта. Но, паркови ќе изградиме и на сите места што го дозволуваат тоа, а секако ќе мислиме и на домашните миленичиња, кои ќе добијат уште нови катчиња. Планираме изградба на нови пет градинки со капацитет за над 1000 дечиња, како и прва гимназија во општината. Основците и во иднина ќе добиваат бесплатна училишна облека, за еднаквост на сите деца, но и за олеснување на семејниот буџет. Планираме изградиме и на Дневен центар за дечињата со пречки во развојот, каде тие ќе добијат дополнителна помош, нега, рехабилитација и оспособување за самостоен живот. Со уште позасилено темпо ќе продолжиме да вложуваме во спортот. Ќе изградиме модерен фитнес центар, каде жителите ќе можат да вежбаат и да се ослободуваат од стресот што со себе го носи современиот начин на живот. Исто така, планираме изградба на затворен базен со ватерполо димензии, со што се надевам како Општина ќе придонесеме за поголема промоција на водените спортови во нашата држава. Аеродром ќе добие и спортски тениски центар, каде што ќе се организираат АТП турнири. Минатата година почнавме проект за реконструкција на фасади и во наредните неколку години планираме да ги обновиме сите оштетени фасади на зградите во Аеродром. Нема да застанеме со реконструкција и изградба на нови улици, пешачки и велосипедски патеки, како и изградба на нови паркиралишта.

ПРЕС24: Аеродром е една од најмладите општини. Која е Вашата оценка за развојот на општината од 2005 година до сега?

КОНЕВСКИ: Аеродром е една од најмладите општини, постои само 12 години, но се вбројува меѓу најуспешните во нашата држава, па дури и во регионот. Успеавме за овие 8 години да ја вивнеме на врвот, но зад тој успех секако стои многу работа. Успешноста не доаѓа преќу ноќ, туку со континуирана посветеност во сите сфери. Сега се вбројуваме меѓу лидерите во локалната  самоуправа, а нашиот Аеродром се зема како пример од кој може да се учи. Особено сум горд што реализиравме капитални проекти, кои ќе останат за генерациите по нас, а сето тоа го остваривме со ниту еден денар долг. Секогаш има простор за поголем развој и за уште подобро утре за сите нас. Јас и администрацијата неуморно работевме и ќе продолжиме да работиме и во иднина, секако доколку граѓаните ми го доверат третиот мандат.

ПРЕС24: Вашиот против кандидат за овие локални избори, дел од кампањата ја води на база на обвинувања за преголема загаденост на општината.

КОНЕВСКИ: Мојот противкандидат од редовите на СДСМ води негативна кампања и на тој начин се обидува да ги изманипулира аеродромци. Но, граѓаните бараат вистински дела, а не празни зборови и нереални ветувања. Јас живеам во Аеродром, каде ги растам моите деца и директно сум засегнат од сите случувања, па така и од воздухот кој го дишеме. Изминатиот период јас и Општината бевме подложени на голем удар од опозицијата во општината. Секогаш објаснувам дека не постои магично стапче за прочистување на воздухот, но има различни методи и начини на кои може долгорочно да се повлијае врз решавање на тоа прашање. Општината ги има преземено сите мерки што се во нејзина надлежност. Како што веќе споменав, досега изградивме 10 нови паркови, насадивме многу нови садници, од кои само последнава година 50.000 нови дрвца. Успеавме да ги исчистиме сите депонии што го нагрдуваа ликот на општината и во голема мера влијаеа врз квалитетот на амбиенталниот воздух. Сите досегашни мерки ќе донесат бенефит на долг рок. Инаку, согласно Студијата на Министерството за животна средина и просторно планирање, најголеми причинители за загадувањето се домаќинствата што се греат на дрва, автомобилите и фабриките. За да се смени начинот на греење во домаќинствата потребно е Владата да ги субвенционира граѓаните, бидејќи ниту една општина не е економски моќна да поддржи таков проект од својот буџет. Исто така, потребно е државата секојдневно да врши контрола на фабриките во поглед на тоа дали постојано работат нивните филтри. Општина Аеродром нема фабрика на нејзина територија, но во околните општини постојат голем број погони. Исто така, потребно е да се зголеми и свеста на граѓаните и да го редуцираат масовното користење на автомобилите и повеќе да се користат велосипедите и јавниот превоз. На тој начин верувам дека значително ќе се подобри состојбата со загадениот воздух

 

 

 

03.10.2017 - 10:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа