Македонија со мерки и активности за воведување 5Г технологија

 

 

Македонија како земја која се стреми да се приклучи во ЕУ треба полека да почне да се подготвува за воведување 5Г технологија. Работна група во Министерството за информатичко општество за утврдување мерки неопходни за воведување 5Г е веќе формирана, а се подготвуваат и измени на закони кои се потребни за воведување на новата технологија.

- Ова е технологија која ќе донесе вистинска револуција и ќе го смени секојдневнието. Таа не значи само побрза пренос на податоци, туку ќе донесе и нови функционалности во сите сфери на општеството и бизнисот, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната јавна расправа на тема „Мерки и активности потребни за воведување 5Г мобилната технологија во Република Македонија“.

Придобивки ќе имаат многу сектори, транспортот, енергетиката, индустријата, здравството, медиумскиот сектор, забавата, а ние, потенцира Манчевски, на почетокот на процесот треба да погледнеме како да ги искористиме сите поволности што ги нуди оваа технологијата.

- Градовите кај нас и во светот се соочуваат со големи предизвици. И во Скопје во последно време зборуваме за смарт сити, но далеку сме од тоа, но може да работиме на подобра енергетска ефикасност, квалитет на воздухот, зголемена ефикасност на превозот, комунални услуги и се она што значи пдоборување на квалитетот на живот на граѓаните. Оваа технологија ни овзоможува како тоа автоматизирано да го правиме, истакна Манчевски.

Тој потсети дека до 2020 година најмалку еден голем град во земјите членки на ЕУ треба да обезбеди 5Г, додека до 2025 година сите урбани населби, главни патишта и железница треба да имаат непрекината 5Г покриеност.

- Тоа значи дека и ние треба да работиме со не помало темпо од она што го прават земјите членки на ЕУ, рече Мачневски.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, важно за воведување на 5Г е предвремено создавање услови за точно утврдување на инфраструктурната мрежа.

Во таа насока, како што рече Сугарески, се изготвува нацрт закон за просторно и урбанистичко планирање, закон кој точно ќе ги утврди постапките за изработка на урбанистичките планови за подрачја и објекти од државно значење.

Од аспект на инфраструктурата ова е прв чекор во олеснување на постапките и процедурите за воведување 5Г технологијата, рече Сугарески и додаде дека важни се и измените на Законот за градење.

- Согласно нашите законски надлежности, уверувам дека ќе ги создадеме сите потребни услови за воведува на оваа нова технологија, која сама по себе е многу важна не само од аспект за брзината и квалитетот на комуникацијата, туку генерално за развој на Република Македонија, рече Сугарески.

Новата технологија, како што беше посочено, ќе стане потреба бидејќи до 2020 година мобилниот сообраќај ќе биде зголемен за 30 проценти во однос на 2010 година, што нема да биде само од користење компјутери и паметни телефони, туку и од сензори во разни машини и уреди.

 

 

 

10.05.2018 - 14:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа