Манчевски: Заклучоците од Дигиталниот самит се дел од агендата на ЕУ

 

Заклучоците од првиот Дигитален самит, што само пред еден месец се одржа во Скопје, веќе се дел од агендата на Европската унија, во контекст на поддршка и унапредување на дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан, порача денеска на Самитот ЕУ Западен Балкан во Софија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

- Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, од самитот на ЕУ и Западен Балкан, информираше дека иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во фокусот на овие мерки е намалување на трошоците за роаминг, подобрување на широкопојасниот интернет, развој на е-Влада како и дигитализација на индустријата, рече Манчевски во својот говор.

Ова, нагласи, е силна потврда дека активностите кои изминатиот период ги презема Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Владата, во правец на целосна дигитализација на Македонија, наидуваат на поддршка од ЕУ.

- Само со регионалната соработка на која се обврзавме на Дигиталниот самит, ќе постигнеме трансформација и поврзување на регионот, а тоа е единствениот начин за влез во ЕУ, нагласи Манчевски.

Тој додаде дека МИОА по повод 17 Мај, Меѓународниот ден на телекомуникации и информатичко општество, уште еднаш се обврзува на реализација на сите најавени активности во областа на информатичкото општество.

- Во наредниот период ќе ги објавиме националните стратегии за широкопојасен интернет и за сајбер безбедност, а до крајот на годината ќе ја објавиме и долгорочната стратегија за ИКТ. Во август, МИОА ќе ги пушти во употреба националниот портал за е-услуги, и новиот портал за отворени податоци. Тоа што е од особена важност за сите граѓани е дека конечно услугите ги носиме до нивните домови. Најчесто бараните докуметни, граѓаните ќе можат да ги добија по електронски пат, брзо, едноставно и евтино, посочи Манчевски.

Преку дигитализација и професионализација на администрацијата, потенцира, конечно граѓаните ќе добијат институции кои се нивен сервис и одговараат на нивните потреби и барања.

 

 

 

17.05.2018 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега