Могерини: Новото име е единствена можност за помирување на земјите од Југоисточна Европа

 

Договорот за промена на името на Македонија може да има широк позитивен ефект врз сите земји во Југоисточна Европа, вели Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европска унија, (ЕУ), Федерика Могерини, цитиран од Euracitv.

Во интервју за Athens-Macedonian News Agency (AMNA), Могерини таа велидека Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија е „единствена можност за помирување во Југоисточна Европа“.

Могерини ги пофали грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев за „политичката храброст“ што ја покажаа при потпишувањето на историскиот договор.

„Имав привилегија да присуствувам на потпишувањето на договорот од премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во јуни крај езерото Преспа. Двете страни покажаа политичка храброст, лидерство, одговорност, неуморно работејќи за да ги надминат старите несогласувања и тешкотии, со цел да се постигне овој историски договор, кој беше поздравен од цела Европа“, изјави Могерини.

Таа истакна дека е свесна за „сензитивноста“ и сложениот историски контекст на проблемот. Според Могерини, во моментов постојат две процедури на национално ниво за имплементација на договорот и во двете земји и тие треба да бидат испочитувани.

„Нашата позиција е јасна: Европската Унија целосно го поддржува постигнатиот договор. Ова е единствена можност за помирување на земјите од Југоисточна Европа“, рече таа.

Запрашана дали ќе се забрзаат постапките за приемот на Македонија кон ЕУ, ако резултатот од гласањето биде позитивен, Могерини одговори дека регионалната соработка и добрососедските односи играат клучна улога во посветеноста на блокот кон овој регион и се клучни принципи во процесот на проширување.

„Решавање на такво тешко прашање има голема важност за регионот, но исто така е и можност за напредок на патот на земјата кон ЕУ“, рече Могерини, додавајќи: „Ако таа динамика се користи мудро, за да напредне и работата на реформите, кои се потребни, ќе направиме значителен напредок во преговорите“, додаде таа.

Според неа, постигнатиот историски договор може да даде значителен придонес во трансформацијата на целиот регион на Југоисточна Европа. Промовирањето на добрососедските односи им помага на земјите на ЕУ да работат заедно, вклучително и во области како што се безбедноста и миграцијата.

„Кризата со бегалците ни покажа дека војните, кои започнуваат далеку од Брисел или Атина, влијаат на Европа. Западен Балкан е во срцето на Европа, ние сме меѓусебно поврзани“, истакна категорично Могерини.

„Верувам дека заедно можеме да постигнеме многу за просперитетот, безбедноста и стабилноста на сите наши граѓани“, додаде таа.

Могерини ја прокоментира и ситуацијата на Србија и Косово, која од многумина експерти е дефинирана како дестабилизирачки фактор на Западен Балкан.

Според неа, целиот регион ќе има корист од ефектите од договорот. Тоа може да ги нормализира односите меѓу Србија и Косово и да им помогне да влезат во ЕУ.

„Договорот од Преспа покажува дека со политичка храброст и решителност можат да бидат надминати и комплицираните прашања“, изјави Могерини.

Таа истакна дека дијалогот меѓу Белград и Приштина има за цел да ги охрабри соработката, да доведе до нормализација на комуникацијата меѓу двете држави и да постигне напредок на патот за членство во ЕУ.

„Ќе продолжам да работам интензивно и со двете држави за целокупен и одржлив договор, кој ќе биде поддржан од меѓународната заедница. Како што истакнав во голем број случаи, овој договор би бил во согласност со меѓународното право и со вредностите на ЕУ“, заклучи Могерини.

 

 

 

15.10.2018 - 23:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега