НБРМ: Продолжува закрепнувањето на економијата

 

Народната банка  на Република Македонија оцени дека во последниот квартал лани економијата продолжила да закрепнува, како последица на активноста во индустријата и трговијата.

Досега расположливите високофреквентни  показатели за активноста во последното тримесечје  од минатата година, генерално упатуваат на понатамошно закрепнување на економијата,  по падот на економската активност во првата половина на минатата година и умереното закрепнување во третиот квартал, соопшти по денешната седница Комитетот за оперативна монетарна политика на  Народната банка на Република Македонија. 

На ваква констатација, според НБРМ, посочуваат податоците за активноста во индустријата и во трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува. Воедно, според НБРМ, на подобри економски услови во последното тримесечје посочуваат и показателите за економскиот сентимент на економските субјекти.

Разгледувајќи ги најновите остварувања во домашната економија во контекст на макроекономските проекции од ноември лани, Комитетот заклучил дека економските основи се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Сепак, потенцира НБРМ, беше истакнато дека сѐ уште постојат сегменти каде што се присутни одредени ризици и коишто упатуваат на потреба од одржливо подобрување на очекувањата и довербата на економските субјекти. Во вакви услови на здрави економски основи, но и понатаму присутни ризици, потребна е внимателност во однос на промените во монетарната поставеност, укажува централната банка. 

- Тековните економски и финансиски услови, како и постоечките ризици, укажуваат на тоа дека постојната монетарна поставеност засега е соодветна. Екстерната позиција, доколку се оценува според остварувањата кај тековната сметка на билансот на плаќања, генерално е во рамки на очекувањата и покажува задржување на здравите економски основи, се вели во соопштението. 

Според НБРМ, ризиците околу проектираната инфлација за годинава од два процента се оценуваат како урамнотежени.

Во последното тримесечје од минатата година, девизните резерви забележале раст, во услови на поволни движења на девизниот пазар и интервенции на НБРМ со нето-откуп на девизи. Движењата на резервите во последниот период се подобри од очекувањата, сите показатели за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Засега достапните податоци за надворешната трговија заклучно со ноември минатата година и податоците за менувачкото работење, како клучни компоненти на тековната сметка, упатуваат на нешто помал дефицит во тековната сметка од очекуваниот.

Депозитните и кредитните текови се движат во согласност со очекувањата. Монетарните податоци за ноември минатата година, слично како и во октомври, покажале солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем како резултат на депозитите на населението, но и на прирастот на корпоративните депозити. На годишна основа, во ноември, вкупните депозити забележале раст од 5,7 проценти. На кредитниот пазар кредитирањето продолжило забрзано да се зголемува, при речиси рамномерна распределба на кредитите кај секторот „население“ и кај корпоративниот сектор, при што вкупната кредитна активност забележа годишен раст од 5,6 проценти.

- Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидноста во банкарскиот систем забележа релативно висок раст, што се должи на интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи, во износ од 44,7 милиони евра. Релативно високиот откуп на девизи во анализираниот период беше остварен во услови на поволни движења на девизниот пазар, коишто се манифестираа со раст на понудата на девизи од менувачниците, како сезонски ефект пред божиќните и новогодишните празници и пониска нето-побарувачка на девизи од фирмите, на месечна основа. Со овие движења, на збирна основа, во 2017 година Народната банка оствари релативно висок нето-откуп на девизи во износ од 65,6 милиони евра, се вели во соопштението.

 

 

 

10.01.2018 - 15:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа