Османи и Димитров едногласни: Заслужуваме датум за преговори со ЕУ и покана за НАТО

 

Политичките состојби околу евроинтегративните процеси во Република Македонија, а во контекст на пораките и заклучоците од софискиот Самит посветен на Западниот Балкан беа тема на работната средба на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров со амбасадорите на земјите - членки на Европската унија во Македонија, организирана  од страна на бугарскиот амбасадор во земјава, Иван Великов Петков. 

Како што соопшти СЕП, Османи истакна дека Република Македонија, изминатава година, во целост беше посветена на евроатлантската агенда, успешно имплементирајќи го Планот 3-6-9, со што повторно се врати довербата како на граѓаните, така и на меѓународните партнери во европската перспектива на земјата.

- Нашиот фокус останува реформската агенда, и наскоро излегуваме со нов План 18, со кој ќе ги адресираме сите потребни реформи кои произлегуваат од Извештајот на Комисијата, водечките иницијативи на Стратегијата, заклучоците од Софискиот самит, но и сите останати релевантни извештаи кои се во насока на евроатланските процеси“, изјави Османи.

Тој, додаде дека Македонија на дело ја демонстрираше својата сериозност и зрелост која очекува да резултира со одлука на Европскиот Совет во јуни за почеток на пристапните преговори, како и покана за НАТО, подоцна на Самитот во јули.

Пред амбасадорите обраќање имаше и министерот за надворешни работи Димитров, кој истакна дека следните недели се од особена важност за евроинтегративните перспективи на Македонија.

- Се наоѓаме пред одлучувачки момент, кој траба да ја признае способноста на земјата да се справи со најголемата политички-чувствителна ситуација во последните 15 години. Дополнително, постои јасна потреба да се демонстрира сојузништво и заеднички да се построиме во вистинскиот правец, изјави МНР Димитров.

Тој потенцира дека е дојдено времето Република Македонија заслужено да го започне европското патување со цел, од една страна, да се трансформира во силна европска демократија и да се натпреварува во реформите и во економијата со останатите земји, а од друга страна, заедно со своите партнери да се борат во справување со домашните и глобалните безбедносни предизвици.

- Република Македонија демонстрираше искрен пристап и сериозност за која е потребна соодветна валоризација на јунскиот состанок на европскиот совет преку одлука за почеток на преговори, како и покана за членство во НАТО на самитот во јули, истакна Димитов на средбата, се наведува во соопштението.

 

 

 

21.05.2018 - 16:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа