Владо Мисајловски: Народот памети, ВМРО-ДПМНЕ работеше за народот - затоа ја имаме огромната поддршка

 

Предизборни интервјуа на кандидатите за градоначалници. Во предизборниот период Прес24 побара интервјуа со најголем дел од кандидатите за градоначалници во скопските општини,  но и од останатите градови. Интервјуата ќе бидат објавувани согласно динамиката на одговори на кандидатите.

ПРЕС24: Бевте дел од извршната власт, во ресорот за транспорт и врски, сега влегувате во трката за локалната власт во општина Ѓорче Петров. Колку искуството од централно ниво може да Ви помогне во решавање на локалните прашања на граѓаните?

МИСАЈЛОВСКИ: Во централната власт бев на неколку извршни позиции, министер, директор, државен секретар и други работни места и верувајте научив многу, стекнав огромно искуство во реализација на најкрупните капитални проекти што се градеа во Република Македонија. Бев во тимот на претседателот Никола Груевски по кој Република Македонија ќе се памети по изградба на новите автопатишта,  многу локални и регионални патишта, по набавката на новите возови, започнување на изградба на пругите, новите автобуси, по изградбата на многуте спортски сали, училишта, водоводи и канализации, по визијата Република Македонија да се направи земја на просперитет. Сега чувствувам огромна одговорност пред моите сограѓани од Ѓорче Петров, а верувајте имам и огромна желба да се посветам максимално во економско издигнување на мојата општина. Сметам дека сега е вистинско време, имам добар тим со кој тоа ќе го работам и мислам дека огромното искуство што го имам зад себе овие неколку години многу ќе ми помогне во остврување на целите и проектите што ги ветивме пред ѓорчепеторвци. А ги имаме многу, во инфраструктурата, во урбанизмот, во локалниот економски развој, намалување на невработеноста, образованието, спортот, екологијата, па се до проекти за најмладите.  

ПРЕС24: Кои се најсериозните проблеми кои бараат итно решавање во општината и што Вие нудите како мерки и методи за нивна санација?

МИСАЈЛОВСКИ: Приоритети имаме многу. Веднаш после 15 октомври ќе се фатиме за работа. Потребно е да се подобри инфраструктурата во општината. Во програмата ветив асфалтирање на преку 100 улици во сите населени места. Да не ги набројувам сите, ќе спомнам само: 35 улици во Волково, 25 улици во Кисела Јабука, 7 улици во Стопански двор, 6 улици во населбата Ѓорче Петров,  4 улици во Ново Село,  4 улици во Дексион, 6 улици во Мирче Ацев,  4 улици во Хром,  две улици во населбата Даме Груев, во Орман, Никиштани, Кучково. Потоа потребно е реконструкција на  улиците Ѓорче Петров, Борис Сарафов, Лука Геров, Волоквска,  главната улица во Волково проширување на булеварот Македонска Војска.

Изградбата на канализационата мрежа во Волково исто така е многу важна за жителите во тој дел на општината. Таа е започната да се гради, јас ќе ја дозавршам изградбата.

 Друг приоритет ни е водоснабдувањето во општината. Ќе изградиме пумпна станица и резервоар и трајно ќе го решиме снабдувањето со вода во високата зона во Ѓорче Петров.

После 15-ти  ќе пристапиме кон замена на целото улично осветлување низ цела општина со енергетски ефикасни светилки.  Еден од приоритетните проекти во наредниот период е и изградба на две нови градинки и тоа: Една градинка во Волково со капацитет за 100 дечиња и уште една градинка во Ново Село со капацитет за 80 дечиња. Гасификацијата е исто така сериозна работа на која треба многу да посветиме посебно внимание. Како проект што го предвидовме, а сметаме дека е од огромно значење е изградба на баскет игралишта и игралишта за деца во Ѓорче Петров, во Хром, Мирче Ацев, Дексион, Даме Груев, Ново Село, Стопански двор, Кисела Јабука, Волково, Орман, Никиштани, Кучково. Меѓу значајните проекти се реконструкцијата на основните училиштата Тихомир Милошевски во Ново Село и Димитар Поп Ѓоргиев Беровски во Хром. 

ПРЕС24: Општина Ѓорче Петров за разлика од некои други општини во Скопје е структуирана на поинаков начин со повеќе приградски населби. Кои се Вашите планови за тие делови, како на жителите да им се овозможат сите услови како на граѓани на главниот град?

МИСАЈЛОВСКИ: Токму заради тоа, во програмата предвидовме проекти за сите населени места во Општината, ама буквало за сите. Ќе се асфалтираат улици,  покрај во населените места што веќе ги спомнав и во Орман, Кучково, Никиштани и секаде каде што ќе има потреба. Уличното осветлување ќе го реконструираме низ цела општина и во урбаниот дел и низ другите места во општината. Ќе се изгради канализацијата во Волково, игралишта за деца и млади исто така ќе се изградат секаде. Рамномерно ќе ги инвестираме општинските пари за подобрување на условите за живот за сите граѓани на Ѓорче,  без исклучок.

Друг пример,  во село Кучково ќе го реконструираме и адаптираме Центарот за организирање на настава во природа во основното училиште., ќе ги реконструираме  училиштата Јоаким Крчовски во Волково каде наставата ја следат ученици од населените места Волково и Орман,  понатаму,  ќе изработиме ДУП-ови за сите населени места по извршената легализација на бесправно изградените објекти и согласно барањата и приоритетите на граѓаните. Во зависност од потребите на граѓаните ќе бидат поставени нови чешми за пивка вода, постепено ќе бидат исчистени дивите депонии низ цела територија на општината и ред други проекти со кои ќе се подигне квалитетот на живот во овие населени места.

ПРЕС24: Ако станете градоначалник на Ѓорче Петров ќе бидете опозиција на централната власт. Сакам да Ве прашам, дали локалните самоуправи, па и Ѓорче Петров можат да функционираат без поддршка од Владата?

МИСАЈЛОВСКИ: Секоја општина има сопствен буџет и во рамките на тој буџет ги планираме проектите што ќе ги реализираме. Ова го зборувам само за проектите во рамките на надлежностите на Општината. Централната власт дополнително ги финансира општините преку дотации, трансфери и генерално овозможува конторла врз општините на овој начин. Исто така дел од големите капиталните проекти што се реализираат во општините се преку Централната власт и тука има зависност и контрола. Земете го само последниот пример во Ѓорче. Власта на СДС ја закочи изградбата на канализацијата во Волково, зошто?

Владата на ВМРО-ДМПНЕ не работеше така, градоначалниците не ги делеше на опозиција и власт. Се инвестираше во секоја општина подденакво,  тоа се исправни политики.  Искрено очекувам во иднина во места каде има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ да се прават опструкции. Но, ќе се бориме и против тоа. Ќе се бараат дополнителни средства и од европските фондови за да можеме да реализираме се што сме ветиле. Граѓаните го очекуваат тоа од нас.

ПРЕС24: Како ја оценувате досегашната кампања и колку сте задоволни од одзивот на гласачите за Вашата понуда?

МИСАЈЛОВСКИ: Знаете дека ми се случи една трагедија. Точно на денот кога се одржуваше главниот митинг во општината се запали нашата семејна куќа. За среќа нема никој повреден и му благодарам на Бог што ги чувал најблиските. Истрагата е се уште во тек, размислувам рационално и не сакам да верувам дека се работи за подметнат пожар. Но ќе си покаже истрагата.

Прашавте за кампањата. Видите што се случува, ова е тотално без контрола. Пукано врз независен советник и за огромна жал човекот подлегна на повредите, на друг кандидат му вперија пиштол во глава, друг со шипка го нападнаа, да не зборувам за притисоци, закани и уцени. Тоа ли е демократија и слобода што ја пропагира СДС.  За жал тие само на тој начин функционираат. Но, народот гледа и памети, ќе ги казни на 15 октомври.

Во однос за одзивот на  гласачите, ќе ви кажам веднаш дека сум презадоволен. Секојдневно одиме од врата на врата и ја презентираме нашата програма и проектите и наидуваме на огромно задоволство. Народот не сака и ни дава поддршка. И очекувам победа. Ветуваме реални проекти, не сакаме да ветиме нешто што потоа нема да го исполниме. Јас не сум таков човек. Но, пак ќе кажам, народот памети, ВМРО-ДПМНЕ работеше за народот, затоа ја имаме огромната поддршка од граѓаните и верувам дека ќе биде така и овие избори. 

ПРЕС24:  Колку сте задоволен од еколошкиот дел од животот во Ѓорче Петров. Какви проекти предвидувате на тој план?

 

МИСАЈЛОВСКИ: Секогаш може да се создадат подобри услови за живот. Екологијата е многу важна на која треба да се посвети посебно внимание. Затоа во Програмата предвидуваме чистење на дивите депонии на целата територија на општина, на нивно место ќе се преуредат нови зелени површини. Во рамките на нашите надлежности ќе се реализираат акции за подигање на свеста за зачувување и заштита на животната средина на локалната заедница. Понатаму, места каде сега не се урбанизирани ќе направиме рекреативни зони, на пример покрај реката Лепенец, кај Крстот во село Кучково, по кејот на реката Вардар од населба Хром до населба Нерези. Дополнително ќе поставиме 500 нови корпи за отпадоци на целата територија на општина. Морам да спомна дека со изградба на канализацијата во Волково, повеќе нема да се употребуваат септичките јами, значаен дел во заштита на средината. Имаме многу за работа, многу проекти, верувам дека со нив Ѓорче Петров ќе ја направиме општина пример за живеење во Скопје. 

 

 

 

06.10.2017 - 14:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа