Власта го легализира абортусот со таблети

Абортусот со таблети законски ќе им биде достапен и на жените во Македонија. Со измените на законското решение што го потготвува експертска група во Министерството за здравство, прекинот на бременоста може да биде и со лекови наместо со хируршка интервенција, објави Сител.

И други олеснувања се предвидуваат со новите измени на Законот за прекин на бременоста – жената која сака да абортира до 12. недела од бременоста нема да мора да се јави на комисии, советувања и да чека уште 5 работни дена за да размисли.  Членовите на експертската група неделава треба само да ги усогласат различните ставови за абортусот од 12. до 22. гестациска недела.

Досега, терапијата за абортусот со лекови, кој може да се изврши во рана бременост, не беше достапна за лекарите зашто сѐ уште овие препарати не се регистрирани во Агенцијата за лекови.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во изјава за Сител појаснува дека има легално решение овие лекови да им бидат достапни на лекарите.

– Ќе најдеме начини како тој лек да е достапен ако не преку регистрација, тогаш постојат други алтернативни решенија со кои може да го има во земјата. Жените да  имаат уште едно право на избор, секако во консултација со гинеколог – вели Филипче.

Со новите законски измени, и за абортусот од 12. до 22. гестациска недела, според министерот, волјата на жената ќе биде на прво место. Нема да има комисија која одлучува како досега, но по барање на гинеколозите ќе има еден вид советодавно тело бидејќи на лекарот му треба и второ мислење.

За поодмината бременост – по 22. недела од бременоста, ќе има комисија од лекари од различни области кои жената ќе ја советуваат за сите слабости доколку е утврдено дека плодот е со аномалии.

Министерот Филипче нагласи дека прават европски и либерален закон кој е во интерес на жените.

Постојното законско решение е од пред пет години, а предизвика бројни реакции во јавноста, како и протести од невладините организации.

 

 

 

16.10.2018 - 10:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега