ВМРО-ДПМНЕ утре седнува во Собранието, бараат амандманска расправа

 

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на утрешната седница на Собранието, на која треба да се донесе законот за јазици, но лидерот на партијата бара разгледување на нивните амандмани и отворање на амандманска расправа.

– Понудивме решение кое се темели на формирање работни групи, кои ќе бидат составени од сите парламентарни политички партии, ќе биде вклучена експертската јавност, ќе бидат вклучени претставници од МАНУ и кабинетот на претседателот на државата. Темата е чувствителна. Во минатото видовме дека оваа тема предизвика голем број реакции и кај експертската јавност, но и во општата јавност во Република Македонија – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Повика на разум и избегнување на, како што рече, лоши сценарија и избегнување на опцијата за парламентарен терор на мнозинството врз малцинството.

– Повикувам уште еднаш за разум. Повикувам уште еднаш за почитување на Деловникот, почитување на законите, бидејќи ова не смее да се дозволи. Лошо ќе влијае врз Република Македонија, за имиџот на Република Македонија и пред меѓународната заедница, но и пред домашната јавност. Затоа уште еднаш за последен пат повикувам за разум. Да се избегне едно девијатно однесување во Парламентот, насилно усвојување на овој закон и повикувам на почитување на Деловникот и разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа, која што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува за време на утрешната седница на Собранието. Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите, но и сите оние кои што ќе го поддржат во таа постапка – додаде Мицкоски.

 

 

 

13.03.2018 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа