Звонко Давидовиќ: Вртењето на судиите од една кон друга власт не е политички притисок туку клиентелизам

 

Законите кои се во пакетот на закони за судска реформа ќе ги оневозможат и ќе устројат фер правила на игра со правилно напредување, но и разрешување на судиите. Истиот пакет на закони, најважниот дел на реформите во правосудството, ќе ја регулира и одговорноста на членовите на Судскиот совет и на самиот Судски совет во целина, нешто што досега законот не го пропишуваше, а што овозможуваше вакво однесување на членовите на Судскиот совет знаејќи дека се заштитена бели мечки, вели адвокатот Звонко Давидовиќ во интервју за Прес24.

Давидовиќ кој е дел од Советот за следење на реформите во правосудството, со кој претседава лично премиерот Зоран Заев и за што имаше доста критики во јавноста, очекува ова тело да ја исполни својата цел.

-Ако го гледате само фактот дека премиер претседава со тело во кое членуваат претседатели на судови и обвинители и седниците се одржуваат во зградата на Владата на Република Македонија тоа можеби делува така, но доколку сте присутни на седниците впечатокот е сосема поинаков. Седниците се одржуваат во зградата на Владата на Република Македонија бидејќи ова тело е формирано прво по инсистирање на премиерот Заев чии заложби за правна реформа не се само декларативни, туку навистина се обидува да ги заживее и спроведе правните реформи, особено по распаѓањето на првото тело за реформи на правосудниот систем. Ниту една друга институција, особено не судовите, не го понудија својот простор за одржување на седниците на ова тело. Но, она што е многу поважно од местото на одржување на седниците е содржината и дискусиите на седниците во кои апсолутно доминираат забелешките и сугестиите на стручната, односно судската фела, без било какво влијание од извршната власт, а тоа во мигов се само премиерот и заменикот министер за правда. Она што морам да го кажам е дека на досегашните седници дискусија од двајцата претставници на извршната власт немаше, ниту предлози за законски измени, туку истите беа присутни, ја следеа седницата и по потреба и барање на членовите кои се од стручната фела даваа појаснување или не информираа за текот на преговорите и идните планови за донесување на закони, вели Давидовиќ за Прес 24, потенцирајќи дека распаѓањето на првиот совет се случил можеби и поради недоволно дефинираните цели и задачи, но и поради суетата на поедини членови на истиот.

-Она од што треба да се ослободиме во иднина е реформирање на судскиот систем со политички договор и мешањето на политичките партии во судскиот систем. Сметам дека реформирање на судскиот систем никако не може да се изврши квалитетно со политички инструменти, туку е потребно да се изврши со правни инструменти. Во иднина, за судските реформи и воопшто за реформите во правосудниот систем, најголемото влијание ќе треба да го имаат луѓето од правосудството, особено практичарите, но ова ќе биде можно само тогаш кога одговорните за ваквата состојба во судството ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Она што би го додал, а што сметам дека е важно во усогласувањето на ставовите помеѓу власта и опозицијата, а што недостасува, е анализа на проблемите и причините кои довеле до тие проблеми во судството и негативностите во примена на законот во изминатиот период, анализи кои ќе помогнат во правилно и квалитетно предлагање на законски решенија, а кои за жал ни недостасуваат, вели Давидовиќ во интервјуто.

Сепак, потенцира дека само законските измени не се доволна гаранција за независно и самостојно судство. Важно е вели да се лоцира и одговорност на луѓе од судството кои се одговорни за ваквата состојба.

Тој во интервјуто го коментира и менталитетот на луѓето во судството, за кои вели дека имаат клиентелистички однос кон власта.

-Начинот на работење на судиите и нивното свртување од претходната власт кон новата, сметам дека не е резултат на политички притисок туку е резултат на клиентелистчки однос на судиите и обвинителите кон власта. Токму менталниот склоп, начинот на нивното работење, овозможување на политичко влијание во судството од страна на Судскиот совет и немање правила и критериуми за разрешување или избор на судии или нивно напредување, создадоа таков ментален склоп кај истите кои како сончогледи во изминативе децении знаеја да се свртат кон партијата која доаѓа на власт, претпоставувајќи дека ќе и се додворат со донесување на определени судски одлуки, вели Звонко Давидовиќ, адвокат во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Во Парламентот поминаа првите три закони дел од пакетот за реформи во правосудството. За нив гласаа и власта и опозицијата. Сепак, колку овие три закони гарантираат подобрување на судската сфера?

ДАВИДOВИЌ:Точно е дека во парламентот поминаа првите три закони кои се само дел од реформата за правосудство и за нив гласаа и власта и опозицијата како гарант на заздравување и заживување на судството. Не само овие три закони, туку и целиот пакет на закони кои се однесуваат на реформите во правосудството, значат квалитативно подобрување на состојбите и се однесуваат пред се на точно и прецизно пропишување на критериуми за избор на судија, негово разрешување, одговорност и други одредби кои се однесуваат на положбата на судиите како гарант за самостојноста и независноста на судиите во нивното работење, но и нивна одговорност за работењето.

Ова во досегашните закони беше делумно пропишано со диспозитивни норми и преширока и штура квалификација која овозможуваше различно толкување и примена на одредбите по потреба и волја на определени институции, а особено Судскиот совет. Судскиот совет, кој беше комплетно партизиран, и кој претставуваше и се уште претставува основен проблем и генератор на состојбите во судството, честопати ги злоупотребуваше бланкетните норми, ги извртуваше и толкуваше како сака, што доведуваше до смешни и апсурдни одлуки и создаваше огромна несигурност кај судиите. Апсурдноста на решенијата и одлуките, само како еден од примерите, може да се видат во одлуките за избор или разрешување на судиите кога при избор на судија беа бирани судии од последното место на ранг листата, а не првиот, истото се случуваше и со претседателите на судовите, а при разрешувањето добро Ви е познат случајот на Митриновски и одлуката на Судот во Стразбур, па нема потреба посебно истата да ја коментирам. Токму ваквата состојба и ситуација, особено во врска со работењето на Судскиот совет, законите кои се во пакетот на закони за судска реформа ќе ги оневозможат и ќе устројат фер правила на игра со правилно напредување, но и разрешување на судиите. Истиот пакет на закони, по мене најважниот дел на реформите во правосудството, ќе ја регулира и одговорноста на членовите на Судскиот совет и на самиот Судски совет во целина, нешто што досега законот не го пропишуваше, а што овозможуваше вакво однесување на членовите на Судскиот совет знаејќи дека се заштитена бели мечки.

ПРЕС24: Усогласување меѓу власта и опозицијата чекаат уште три законски решенија. И тие ќе треба да бидат гласани во консензус. Но, јас сакам да Ве прашам за суштината на она што треба да значи независност и ослободеност на правосудството. Досега многупати беа носени законски измени кои требаше да го реформираат судскиот систем најчесто во политички договор. Но тоа во пракса на функционираше. Зошто овој пат би било поинаку?

ДАВИДOВИЌ:  Јавноста е запознаена дека власта и опозицијата ги усогласуваат своите ставови на ниво на комисии кога се во прашање законски решенија кои се однесуваат на правосудството. Сметам дека тоа е добра пракса од неколку причини. Прво, овозможува реално и квалитетно учество на опозицијата во целиот процес на реформи со јасно истакнување на своите ставови, како и реално влијание на законските решенија што е знак на демократија и воопшто знак за подобрување на демократските процеси во нашата земја. Второ, на овој начин власта покажува дека времето, а кое нас ни е добро познато во изминатите децении, на реваншизам и партиско вдомување на кадри по секоја цена заврши. Можеби перцепцијата во јавноста не е таква, се слушаат негативни коментари по однос на реформските процеси, особено по однос на кадровските промени и неразрешувањето на определени судии или обвинители, но факт е дека најголемиот дел од функционерите во судството воопшто не се сменети. Ова само ја потврдува заложбата на моменталната власт не само прокламативно, туку и на терен да покаже дека со секоја промена на власт нема да дојде до кастрење на целокупното судство и избор на нови судии по желба на власта. Трето, Ваквиот пристап овозможува донесување на законски решенија за кои е потребно двотретинско мнозинство, нешто што досега беше незамисливо во ситуации кога власта го немаше двотретинското мнозинство. Сево ова ја подобрува вкупната демократска клима, но и покажува реална заложба да се прекине со реваншизам и партиски вработувања по доаѓање на власт, особено во судството. Она што недостасува во ваквата правна реформа, а што морам да го кажам, е повикување и утврдување на одговорност на поединци во правосудството, особено во Судскиот совет, како и челниците на судовите, вклучувајќи го и Врховниот суд и нивно изведување пред лицето на правдата. Ако не го расчистите својот двор, а за ова многу зборував, ќе немате образ да расчистувате со другите области на општественото живеење, но за ова подолу ќе зборуваме поконкретно. Она од што треба да се ослободиме во иднина е реформирање на судскиот систем со политички договор и мешањето на политичките партии во судскиот систем. Сметам дека реформирање на судскиот систем никако не може да се изврши квалитетно со политички инструменти, туку е потребно да се изврши со правни инструменти. Во иднина, за судските реформи и воопшто за реформите во правосудниот систем, најголемото влијание ќе треба да го имаат луѓето од правосудството, особено практичарите, но ова ќе биде можно само тогаш кога одговорните за ваквата состојба во судството ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Она што би го додал, а што сметам дека е важно во усогласувањето на ставовите помеѓу власта и опозицијата, а што недостасува, е анализа на проблемите и причините кои довеле до тие проблеми во судството и негативностите во примена на законот во изминатиот период, анализи кои ќе помогнат во правилно и квалитетно предлагање на законски решенија, а кои за жал ни недостасуваат. На овој начин со издржана анализа власта, а особено опозицијата ќе може аргументирано да предлага законски решенија за реформа на правосудниот систем.

ПРЕС24: Колку судската, стручната јавност беше слушана во овој процес на носење на овие законски измени?

ДАВИДOВИЌ:  Во процесот на носење на овие законски измени учествува и учествувала и судската и стручната јавност. Во првото тело за реформи членови беа многу професори од Правниот факултет како и други експерти кои теоретски се бават со правото, а во сегашното тело се вклучени најмногу практичари и тоа од судската област. Како членови на ова тело се претседателите на најголемиот кривичен суд, граѓанскиот скопски суд, Претседателот на Апелациониот суд Скопје, како и судија-претставник на Врховниот суд, Покрај судиите, во телото членуваат и неколку обвинители од основните и вишите јавни обвинителства, но членови се и Јавниот обвинител на Република Македонија и специјалниот јавен обвинител. Во телото членуваат и четворица адвокати, како претставници на Адвокатската комора, на здруженија на граѓани и адвокати-членови по избор на Владата. Членови се и неколку професори и сето тоа дава добра основа и гаранција за квалитетни реформи на правосудниот систем. Колкаво е влијанието на судската, односно стручната јавност, покажува и фактот што секое законско решение кое е усогласено помеѓу власта и опозиција, пред да биде доставено до Владата на Република Македонија, поминува прво низ ова тело за правни реформи каде што детално се дискутира за секое законско решение и забелешките се внесуваат во законскиот текст. Додатен елемент кој гарантира квалитетно реформирање на правосудството со влијание на судската, односно стручната јавност е и фактот што членови на комисијата се и Министерот за правда и заменикот министер за правда, кој имаат можност изворно да ги слушнат забелешките и предлозите во една аргументирана дискусија која се води на седниците помеѓу практичарите.

ПРЕС24: Дали за независно праведно судство се доволни само законски измени?

ДАВИДOВИЌ: Прашањето кое го поставивте по однос на независното судство и дали само законските измени се доволни да овозможат независност и самостојност е прашање кое долго време се провлекува во јавноста и предизвикува бурни дискусии. Секако само законските измени не се доволна гаранција за независно и самостојно судство, но се добар почеток за заживување на урнисаното судство. Без одговорност на луѓе од судството кои се одговорни за ваквата состојба, а кои ги знаеме и чии имиња постојано се провлекуваат во јавноста, нема да можеме да зборуваме за заздравување на судството и вистинска независност и самостојност. Ако проблемите со акмисот и констатираната состојба за злоупотреба на истиот не се расчистат во смисла на одговорност на луѓето кои биле одговорни за следење и контрола на акмисот, како и луѓето кои манипулирале и го злоупотребувале системот, нема да можеме да зборуваме за правично судство без двојни аршини, селективна правда и воопшто правораздавање ако луѓето од судската фела не понесат одговорност пред сите.

Не можете да правораздавате и да одмерувате и изрекувате казни на други луѓе за сторени кривични дела ако тоа прво не го сторите со своите колеги за кои ќе се утврди дека сомневањата биле оправдани и дека постојат елементи на кривични дела. Ова истото се однесува и на манипулирањето и злоупотребата на годишните распореди, монтираните судски предмети, овозможување на бегство на лица на кои им е определен притвор, вонредни и редовни оценувања на судии по нарачка и желба и овозможување на партизирање на судството.

Потсетете се само на “бомбите” и на тоа како тогашниот Претседател на Судскиот совет реферира на секретарка на премиер кои места се слободни, а со министерот за внатрешни работа, на партиска координација, договора именување на судии. Сето ова, мора да се расчисти, ако сакаме да почнеме од 0 и да изградиме судство во кое граѓаните ќе имаат доверба.

ПРЕС24: Вие сте дел од оној втор совет за следење на реформите во правосудството. Него го води лично премиерот Зоран Заев. Не е ли тоа малку парадоксално, особено оние состаноци во Владата?

ДАВИДOВИЌ: Во јавноста се присутни критики за вториот совет за имплементација и следење на реформите во правосудството, а особено е критикуван фактот што со него раководи, односно претседава премиерот Заев кој ја претставува извршната власт. Се добива впечаток дека со ваквиот начин на работење извршната власт и се наметнува на судската. Ако го гледате само фактот дека премиер претседава со тело во кое членуваат претседатели на судови и обвинители и седниците се одржуваат во зградата на Владата на Република Македонија тоа можеби делува така, но доколку сте присутни на седниците впечатокот е сосема поинаков. Седниците се одржуваат во зградата на Владата на Република Македонија бидејќи ова тело е формирано прво по инсистирање на премиерот Заев чии заложби за правна реформа не се само декларативни, туку навистина се обидува да ги заживее и спроведе правните реформи, особено по распаѓањето на првото тело за реформи на правосудниот систем. Ниту една друга институција, особено не судовите, не го понудија својот простор за одржување на седниците на ова тело. Доколку седниците се одржуваат во било кое министерство, па и Министерство за правда, некоја голема разлика би немало затоа што и Министерството за правда е дел од извршната власт. Но, она што е многу поважно од местото на одржување на седниците е содржината и дискусиите на седниците во кои апсолутно доминираат забелешките и сугестиите на стручната, односно судската фела, без било какво влијание од извршната власт, а тоа во мигов се само премиерот и заменикот министер за правда. Она што морам да го кажам е дека на досегашните седници дискусија од двајцата претставници на извршната власт немаше, ниту предлози за законски измени, туку истите беа присутни, ја следеа седницата и по потреба и барање на членовите кои се од стручната фела даваа појаснување или не информираа за текот на преговорите и идните планови за донесување на закони. Дека ова функционира докажува и фактот што Деловникот за работење на овој совет претрпе измени токму по забелешките и предлозите на членовите на телото кои потекнуваат од стручната фела. Истото се однесува и на Законот за судовите кој претрпе измени токму по забелешките на сугестиите и забелешките на членовите на ова тело.

ПРЕС24: Колку ова тело вака поставено ќе ја постигне крајната цел, ако се има предвид дека првиот Совет пропадна уште на почетокот, со оставките на дел од членовите кои не криеја дека желбата на власта не е реформирање на судскиот систем?

ДАВИДOВИЌ: Свесен сум дека постои сомневање во јавноста дека ова тело кое го нарекуваат и втор совет ќе доживее неуспех, особено по распуштањето на првиот совет и дека нема да се случат никакви реформи во судскиот систем. Како што веќе кажав, самиот состав на овој совет кој е составен во најголем дел од практичари, како и досегашното работење на одржаните седници и целите поставени пред ова тело со огромна желба, но и потреба на сите членови да се случат и спроведат реформите во правосудниот систем се доволна гаранција за постигнување на крајната цел, а тоа е реформа на правосудниот систем. Распаѓањето на првиот совет се случи можеби и поради недоволно дефинираните цели и задачи, но и поради суетата на поедини членови на истиот. Правецот во кој ќе се движат реформите на правосудниот систем за ова тело е неспорен и сметам дека истото ќе даде резултат затоа што драстично различни видувања на правецот на реформите помеѓу членовите нема, нешто што мислам дека придонесе за распаѓањето на првиот совет.

ПРЕС24: Кога зборуваме за судскиот систем, мислам дека многу важен елемент е менталитетот на луѓето. Голем дел од оние судии кои беа етикетирани како блиски на претходната власт, сега исто така можат да се карактеризираат како блиски до оваа власт... Што всушност се случува? Дилемата е дали се ова е резултат на некаков политички притисок од властите, без разлика која и да е, некаков страв кај луѓето во судскиот систем, или пак едноставно онаа желба некому да му се допаднете?

ДАВИДOВИЌ: Менталитетот на луѓето, особено на судиите и обвинителите во изминативе две децении драстично се смени од многу причини. Многу судии и обвинители беа етикетирани како приврзаници на едната или другата власт некаде без причина и основ, а некаде со реални причини и основ кои произлегуваа од нивните одлуки и начинот на работење. Само за потсетување би ги навел предметите кои во јавноста беа познати како монтирани судски предмети по желба на тогашната власт, а значеа политичка пресметка со опонентите. Такви беа Ровер, Шпион, Фаланга, Детонатор, Метастаза, Змиско око, Ореше, Јустиција итн. Начинот на работење на судиите и нивното свртување од претходната власт кон новата, сметам дека не е резултат на политички притисок туку е резултат на клиентелистчки однос на судиите и обвинителите кон власта. Токму менталниот склоп, начинот на нивното работење, овозможување на политичко влијание во судството од страна на Судскиот совет и немање правила и критериуми за разрешување или избор на судии или нивно напредување, создадоа таков ментален склоп кај истите кои како сончогледи во изминативе децении знаеја да се свртат кон партијата која доаѓа на власт, претпоставувајќи дека ќе и се додворат со донесување на определени судски одлуки. Одговорноста за своето работење која треба да се воведе кај судиите и обвинителите, но и Судскиот совет, ќе овозможи во иднина менување на менталниот склоп и напуштање на клиентелистичкиот однос кон секоја нова власт.

ПРЕС24: Вие сте адвокат на еден од обвинетите во настаните од 27 април. Неодамна изјавивте дека двојните аршини продолжуваат да бидат дел од функционирањето на судството. Зошто?

ДАВИДOВИЌ: Многу пати сум изјавил дека двојните аршини и селективната правда во судството продолжуваат и дека по тоа прашање судството не пораснало и дека проблемите не се надминати. Се прашувате зошто, а одговорот е многу едноставен и секој може да го види доколку сака и изврши споредување на определени одлуки или правни ситуации.

Прво, постоењето на специјалното јавно обвинителство и рокот во кој истото можеше да подигне обвиненија против сторителите на кривичните дела, создава ситуација на селективна правда и двојни аршини. СЈО можеше да подигне обвинение 18 месеци по доставувањето на доказите што создаде една апсурдна правна ситуација да осомничените за сторени кривични дела можат да одговараат само ако во рамки на тие 18 месеци биде подигнато обвинение, занемарувајќи ги роковите за релативната и апсолутната застареност на гонењето и извршувањето на казните за кривични дела. Доколку сторител на кривично дело го гони СЈО за злоупотреба на службена положба или даночно затајување истиот по истекот на 18 месеци не може да биде гонет, додека за сторителите на истите кривични дела, а по кој постапува редовното обвинителство рокот за застареност е 10 и повеќе години. Ова претставува селективна правда и двојни аршини за граѓаните на Република Македонија кои треба да бидат еднакви пред законот. Понатаму, одлуките на кривичниот суд кога се во прашање предлозите на СЈО и на редовното обвинителство се сосема различни. Предлозите за определување на мерка притвор поднесени од СЈО редовно се одбиваат, додека за истите предлози поднесени од редовното обвинителство апсолутно секогаш се усвојуваат и се определува мерка притвор. И ова создава правна несигурност и нееднаквост помеѓу граѓаните на Република Македонија. Споредувањето на одлуките по однос на изречените казни по подигнатите обвиненија за даночни затајувања, поткуп или злоупотреба на службена положба за кои најчесто се изрекуваат условни осуди, споредено со кражба на ќебапчиња за што е изречена ефективна казна затвор во траење од 3-години, исто така покажува селективност во примена на законот и нерамноправност на граѓаните, особено ако се има предвид зачестеноста на првоспоменатите кривичните дела. Уште многу примери можат да се посочат за селективна правда и двојни аршини за што многу е зборувано во јавноста и што покажува дека правни реформи во правосудниот систем мора да се спроведат и дека судиите и обвинителите мораат да одговараат за својата работа за да изградиме и создадеме модерна правна држава

 

 

 

14.04.2018 - 11:28
Фото: 
Принтскрин

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа